УЕФА размислува само за еден стадион што би можел да биде домаќин на финалистите во Лигата на шампионите, Манчестер сити и Челзи, ако Истанбул отпадне од игра за организација на мечот за титулата на 29. мај.
Тоа е култниот Вембли во Лондон, што значи дека предлогот на Англичаните Бирмингем да биде домаќин не е во игра. Истанбул по правило би требало да биде организатор на големото финале, но проблем се високите бројки на заразени од Ковид-19 во Турција.
Алтернатива би бил само Вембли, според информациите од УЕФА, но и за таква варијанта треба дозвола од Владата на Велика Британија. Тие треба да овозможат непречен трансфер и движење на претставниците на бродокастерите, новинарите, спонзорите и за ВИП гостите и да гарантираат дека може да има нешто повеќе од 22 илјади публика, како што е гарантирано за мечевите на ЕП и за финалето на континенталниот шампионат.
На Вембли ќе се играат натпревари од завршницата на Европското првенство од 11. јуни до 11. јули и финалето за титулата европски првак.