УЕФА сака финалето во Лигата на шампионите да биде спектакл, како што му доликува на меч за титула во елитното европско клупско натпреварување, и веројатно ќе дозволи да има публика на трибините.
Конечната одлука ќе биде донесена на 17 јуни, а ќе се знае дали завршницата во Топ-8 формат ќе се игра во Лисабон или евентуално во Мадрид и со или без навивачи на трибините.
Засега фаворит е португалскиот град, најмногу поради тоа што Шпанија беше меѓу најпогодените земји со корона-вирусот, но и поради фактот што има дури три шпански екипи кои се во игра за титулата.
Атлетико Мадрид веќе е во четвртфиналето по елиминацијата на актуелниот европски првак Ливерпул, а Барселона е поблиску од Наполи до пробив во Топ-8 бидејќи има 1:1 пред реваншот на Камп ноу.
Реал Мадрид е во најнезавидна ситуација по поразот дома од Манчестер сити со 1:2 на домашен терен. Како и да е, Лисабон или Мадрид веројатно ќе бидат домаќини на мечеви со присуство на публика во завршницата на Лигата на шампионите закажана за во август.