УЕФА со прекрасна вест за Јувентус, Сити, Баерн и Барса

УЕФА реши да им излезе во пресрет на клубовите кои бараа реваншите од осминафиналето во Лигата на шампионите да ги играат на своите стадиони, а не на неутрален терен во Португалија, како што предложија од Европската куќа на фудбалот. Одлуката е донесена и формално ќе биде објавена в петок, за време на ждрепката во Нион.

Ова значи дека мечот Сити – Реал Мадрид ќе се игра на „Етихад“ во Манчестер, Јувентус – Лион на „Алијанц стадиум“ во Торино, Барселона – Наполи на „Камп ноу“, а Баерн – Челзи на „Алијанц арена“ во Минхен. Овие дуели ќе се играат на 7 и 8 август. Баерн има убава предност од првиот меч, но на останатите три домаќини и не им беше сеедно каде ќе го играат реваншот на кој очекуваат пласман меѓу осумте најдобри.

Четвртфиналето (12, 13, 14 и 15 август), полуфиналето (18 и 19 август) и финалето (23 август) ќе се играат во португалската престолнина Лисабон и ќе се игра по забрзан ритам, само по еден меч, без реванш. Сите мечеви ќе почнуваат во 21 часот и ќе се играат без публика.

- Оглас -

Најнови вести