Европската фудбалска федерација денеска потврди дека на Европското првенство во 2024 година, три селекции пласман ќе обезбедат преку Лигата на нации. Ова е убава вест посебно за Македонија, која веќе ја почувствува моќта на Лигата на нации, откако пред две години, со играње во Д сегментот од Лигата на нации Црвено-жолтите се изборија за историски прв настап на Европско првенство.
Сега, Македонија е дел до Ц сегментот, а повторно мотивот е да бидеме први во групата затоа што така може да се бориме за нов пласман на континенталниот собир преку настапите во ова натпреварување.
„Три од 24-те места на ЕУРО 2024 ќе бидат обезбедени преку Лигата на нации. Ќе бидат одредени 12 репрезентации кои ќе бидат дел од плејофот, а тоа ќе бидат 12-те селекции кои ќе завршат како први во своите групи во А, Б и Ц сегментот. Ако победниците во групите веќе имаат обезбедено место на ЕП, тогаш во плејофот ќе оди следната најдоброрангирана во групата“, стои во соопштението на УЕФА.
Македонија на ЕП во 2020 година играше благодарение на победата во Тбилиси против Грузија. Токму Грузија е денешниот ривал на Македонија во нов меч од Лигата на нации.