УЕФА продолжува да го дотерува својот нов формат во европските купови, и објави значителна промена во начинот на кој функционираат нокаут рундите.
Почнувајќи од наредната сезона, првите носители ќе бидат одредени врз основа на нивната позиција во лигата. Ова значи дека највисоко рангираниот тим ќе ги игра реванш натпреварите од нокаут рундите дома. Оваа промена ќе важи за Лигата на шампионите, Лига Европа, Конференциската лига и женската ЛШ.
Минатата сезона Реал Мадрид го одигра реваншот од четвртфиналето против Арсенал дома на „Сантијаго Бернабеу“, и покрај тоа што заврши пониско во лигата (11-то место) од Топчиите (беа на трето место). Според новото правило, реваншот ќе се играше во Лондон. Или Барселона во истата фаза ќе играше дома против Борусија Дортмунд на реваншот, а не на гости.
Важен детаљ е дека оваа привилегија на играње дома на реваншот може да биде „украдена“. Доколку тим кој завршил пониско од противникот во лигата и се пласира во следната рунда, ќе ја преземе таа позиција за носител во следните рунди.
Лани прв беше Ливерпул, па ПСЖ со елиминацијата на првиот носител во осминафиналето, во наредните рунди ќе ги играше реваншите на свој терен, според новото правило.
Со оваа промена, УЕФА се стреми да даде поголемо значење на лигашката фаза.