УЕФА засега не планира ЕП да биде во „балон“ како што беше НБА-плејофот

Европското фудбалско првенство за првпат годинава не беше одиграно во предвидениот период, а причина за тоа беше пандемијата со корона-вирусот. Турнирот кој требаше да се игра летово во 12 различни града низ целиот континент е одложен за следното лето.

Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, вели дека уште не е решено дали мечевите ќе се играат без публика или ќе биде дозволен влез на навивачи.

„Може да организираме турнир со полни трибини, без навивачи или со 30, 50 или 70 отсто исполнетост на трибините“, вели Чеферин, кој додаде дека засега воопшто не се планира воведување „балон“, односно играње на сите мечеви на едно место.

„Во моментов планираме првенството да биде како што е првично предвидено. Воопшто не планираме за воведување балон“, објасни Чеферин.

Македонија има историска шанса за пласман на ЕП. Нашата најдобра селекција игра во финалето на плејофот против Грузија во Тбилиси и со победа на дуелот на 12 ноември, ќе се избори за место меѓу најдобрите. Пред тој историски меч со Грузија, Македонија против истиот противник утре игра и во групната фаза од Лигата на нациите во Скопје.

 

- Оглас -

Најнови вести