Дисциплинската комисија на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) донесе одлука за казни за Хрватскиот фудбалски сојуз поради инцидентите на четвртфиналните натпревари од Лигата на нации меѓу Хрватска и Франција во Сплит и Франција и Хрватска во Париз.
По првиот четвртфинален натпревар, одигран во Сплит, Хрватската фудбалска федерација беше казнета со 32.000 евра, од кои 10.000 евра за пиротехника, 8.000 евра за употреба на ласери и 14.000 евра за блокирани премини.
По тој натпревар, беше покрената дисциплинска постапка за расизам и дискриминација, како и по натпреварот во Париз помеѓу Франција и Хрватска, при што беше донесена единствена дисциплинска одлука дека Хрватскиот фудбалски сојуз ќе биде казнет за расизам и дискриминација со играње на следниот домашен натпревар без публика, а за следниот натпревар на гости со забрана за продажба на билети за гостинските, хрватски навивачи.
Овие забрани се однесуваат на натпревари во надлежност на УЕФА, односно за новото издание на Лигата на нации, за кои е изречена дополнителна казна од 30.000 евра. За натпреварот во Париз, Хрватската фудбалска федерација беше казнета со 25.000 евра за пиротехника, 8.000 евра за предизвикување штета и обврска за плаќање на штетата на стадионот „Стад Франс“.
Вкупно, Хрватскиот фудбалски сојуз беше казнет со 93.000 евра за однесувањето на навивачите, еден домашен натпревар без публика, еден натпревар на гости без публика и финансиска отштета на Францускиот фудбалски сојуз за штетата предизвикана на стадионот во Париз.