Европската фудбалска унија, УЕФА, одреди жестока казна за Фудбалскиот сојуз на Србија, кој ќе мора следниот натпревар од квалификациите за Европското првенство да го организира без присуство на гледачи, а дополнително ќе треба да плати и парична казна од 89.500 евра.
Следниот дуел за Србија е оној одлучувачкиот против Бугарија, кој е закажан во Лесковац, а на нашите северни соседи ќе им биде потребен најмалку бод за пласман на континенталниот собир.
Србите казната ја заработија поради инцидентите кои се случија на трибините, кога се судрија со гостинските навивачи, но и поради лошата организација. Сепак, од Фудбалскиот сојуз на Србија најавуваат дека ќе бараат дозвола од УЕФА на трибините да може да присуствуваат деца до 14 години, нешто кое беше пракса и во минатото, кога екипи и репрезентации беа казнувани, но им беше дозволувано да присуствуваат деца.
Казна од 20.000 евра заработи и Фудбалскиот сојуз на Црна Гора поради однесувањето на нивните навивачи, но и забрана да продаваат билети за следниот гостински натпревар. Дополнително, двата сојузи ќе треба да се договорат околу висината на штетата која ја предизвикале навивачите на Црна Гора на стадионот и тоа да го надоместат.