Манчестер сити се спаси по службен пат. Судот за спортска арбитража ја укина забраната од две години неиграње во европските натпреварувања. Тоа значи дека Граѓаните и во новата сезона ќе се појават на меѓународната сцена, поточно во Лигата на шампионите, со оглед на тоа дека се второпласирани во Премиер лигата.
Воедно, паричната казна за Сити е намалена од 30 милиони евра на 10 милиони евра, па ова е голема победа на правниот тим на минатосезонскиот англиски првак.
УЕФА уште во февруари го казни Манчестер сити со две години забрана за настап во европските натпреварувања поради непочитување на правилата за финансиски ферплеј во периодот од 2012 до 2016 година. Од таборот на Европската фудбалска куќа беа уверени дека нивната одлука ќе остане на сила барем една сезона забрана за настап, но таа е целосно укината по денешната конечна одлука на ЦАС (Судот за спортска арбитража).