Украина заработи казна, стадионот делумно затворен за дуелот против Македонија

Фудбалската репрезентација на Македонија следниот, можеби и најважниот натпревар од квалификациите за Европското првенство ќе го игра против Украина на неутрален терен во главниот град на Чешка, Прага.

Нашиот следен противник во пресрет на овој натпревар заработи парична казна од УЕФА од 33.000 евра и делумно затворање на стадионот за дуелот со Македонија, но и забрана за носење навивачи на гостувањето во Малта.

Причина за казната се расистичките испади на дуелот против Англија, кој се играше во Вроцлав (Полска), но и палењето на пиротехнички средства на трибините и блокирањето на скалите на трибината.

Со оглед на тоа дека Украина своите натпревари ги игра на различни стадиони во Источна Европа поради војната која се води на нејзина територија, УЕФА не може со сигурност да каже кои трибини ќе бидат затворени и дополнително ќе одлучи, но во одлуката се вели дека тоа ќе биде трибина која собира најмалку 5.000 гледачи.

Ваквата казна за Украинците не би требало да има влијание на нашите навивачи кои ќе одлучат да патуваат во Прага бидејќи таа се однесува на поддржувачите на репрезентацијата на Украина.

- Оглас -

Најнови вести