Украинскиот селектор со шокантна изјава: Би можел да убијам два-тројца Руси

Селекторот на фудбалската репрезентација на Украина, Олександер Петраков не ја крие омразата кон Русија, земја која повеќе од еден месец ја напаѓа неговата татковина. Украина требаше да игра бараж за пласман на СП во Катар, но поради нападите од Русија, украинската репрезентација не можеше да се подготви за важниот настап, иако постоеше опција подготовките да бидат во западниот дел од државата.

„Ако некој кажеше репрезентацијата да тренира во тој дел од земјата, непријателот би можел да нè гранатира. Тоа се луѓе без принципи и морал и не би сакале да ги ризикуваме нашите животи. Русите не се никакви наши браќа, тоа се најобична орда“, рече Петраков од Киев, во изјава за англиски медиуми.

Петраков изјави дека би можел да убие неколку Руси доколку тие се појават пред него.

„Кон Русите чувствувам омраза. Не бес, туку омраза, затоа што тие ја нападнаа нашата земја. Ќе биде потребно време за емоциите да се смират, но сега чувствувам омраза. Се надевам дека во мојот живот веќе никогаш нема да играм против Руси. Не сакам да се ракувам со нив. Кон Русија треба да изградиме ѕид и веќе никогаш нема да имаме врска со него“, додава селекторот на Украина кој иако има 64 години, вели дека е подготвен да земе и пушка и да убие неколку непријатели.

„Семејството сакаше да одам со нив, но останав во Киев. Како можев? Јас останав во Киев, ова е мој град и не можам да бегам додека другите го бранат градот. Ако непријателот дојде во градот, ќе се борам. Имам 64 години и верувам дека тоа е правилно. Мислам дека би можел да убијам два-три непријатели“, заврши Петраков.

- Оглас -

Најнови вести