Украинците се оптимисти: Се враќаме во Букурешт по шест бода

Украина има интересен пат на ова Европско првенство, што го почна со пристигнување во Букурешт на неколку дена пред шампионатот, па заминаa за Амстердам за стартниот меч со Холандија и сега се враќаат назад во главниот романски град за дуелите со Македонија и со Австрија.

Следен ривал им е Македонија на 17 јуни од 15 часот, и тоа може да биде клучен меч за двете репрезентации што загубија на стартот од натпреварите во Ц групата на ЕП.

Македонија претрпе пораз од 1:3 против Австрија во Букурешт, а Украина во Амстердам загуби со 2:3 против Холандија.

„Немаме право на грешка против Македонија и тоа ќе биде клучен меч за нас. Се враќаме во Букурешт по шест бода. Против репрезентација од калибарот на Холандија не можете со сигурност да планирате дека ќе победите, иако ние бевме многу блиску да го избегнеме поразот. Имаме квалитет за победи против Македонија и Австрија“, велат од украинскиот табор.

Македонија нема победа против Украина на два официјални натпревари што сме ги одиграле досега. Не победија двапати во квалификациите за настап на минатото Еврoпско првенство, со 1:0 во Лвов и 2:0 во Скопје.

На два пријателски дуели нашата репрезентација има подобар скор, една победа од 1:0 и реми без голови.

 

 

- Оглас -

Најнови вести