Унаи Емери е незадоволен од односот на голманот на Аргентина, Емилијано Мартинес и според шпанскиот портал „Фишаес“ сака да се ослободи од него.
Мартинес, кој брани за Астон Вила, каде тренер е Емери беше еден од јунаците на Аргентина во триумфалниот поход кон светската круна на Мундијалот во Катар, но однесувањето му беше во најмала рака безобразно.
Ја доби Златната ракавица за најдобар голман на турнирот и веднаш направи скандал ставајчи го трофејот меѓу нозе на непристојно место.
Потоа во текот на прославата претера со понижувачките потези кон Килијан Мбапе, а претходно по дуелот со Холандија во четвртфиналето ги пцуеше Лалињата и сакаше физички да се пресмета со нив.
„Кога се силни емоциите тешко се контролираат. Но, вакво однесување е неприфатливо и кога ќе дојде во клубот ќе разговараме“, вели Емери.
Шпанскиот медиум „Фишаес“ тврди дека Емери ќе бара од челниците на Астон Вила да го продадат Мартинес, а веќе има и подготвено замена за него.
Тренерот на Вила сака да го види на голот во својот тим Јасине Боно, репрезентативецот на Мароко и голман на Севилја, клуб со кој Емери трипати по ред од 2013 до 2015 го креваше пехарот во Европа Лигата.