Големото мадридско дерби меѓу Реал и Атлетико ќе биде во фокусот на европскиот фудбал вечерва. Овие екипи се на челните две позиции во шпанското првенство. Реал е лидер со 49 бодови, а Атлетико е веднаш зад нив со 48 бодови.
Секогаш биле возбудливи дуелите на овие два тима, а резултатите покажуваат дека на шест од последните седум пресметки по регуларните 90 минути било нерешено, а интересно е дека секогаш било со погодоци. Во овој период Атлетико има една победа од 3:1.
Кога Атлетико игра дерби меч, секогаш главно прашање за тренерот Диего Симеоне е дали неговиот тим ќе се орјентира максимално на одбраната. Аргентинецот имаше уникатен одговор на ова прашање.
“Ме прашувате дали ќе го “паркираме“ автобусот пред нашиот гол? Јас знам само дека со автобус ќе дојдеме на “Сантијаго Бернабеу“ истакна Чоло, а потоа додаде „Знаеме дека против себе имаме противник кој има фудбалери со исклучително индивидуални квалитети. Знаеме дека треба да започнеме многу решително и да се обидеме да ја наметнеме нашата игра. Ни престои меч кој ќе трае 95-96 минути и треба да бидеме подготвени на сѐ“, додаде Симеоне.