Уникатно деби за Хенес деветти – Прв меч за новиот јарец на Келн пред 50 илјади гледачи

Уникатно деби ќе има најпознатата маскота во Бундеслигата, па веројатно и во европскиот фудбал, јарецот на Келн, Хенес деветти, вечерва од 20.30 часот на „Рајн енерџи“ стадионот.

Келн ќе го слави камбекот пред своја публика на дуелот со вицешампионот Борусија Дортмунд, а за првпат ќе биде претставен и новиот миленик и заштитен знак на клубот, јарецот Хенес деветти.

Неговиот претходник, Хенес осми, по 12-годишна мисија како маскота на Келн летово беше повлечен поради старост, а веќе е подготвен неговиот наследник да биде нова „амајлија“ на клубот.

Јарецот на Келн е една од најинтересните маскоти во светот на спортот, а ритуалот има и долга традиција. Сè почна во 1950 година, кога клубот за среќа доби подарок жив јарец, кој полека, но сигурно стана најпознатиот жив клупски симбол во спортот.

Вечерва е ред за деби на Хенес деветти, кој ја продолжува традицијата стара речиси 70 години.

- Оглас -

Најнови вести