Најпријатното изненадување во Бундеслигата, екипата на Унион Берлин со 3:0 славеше над Штутгарт во меч од 26. коло и останува во трка за титулата во германското првенство. Тимот од главниот град на Германија сега има 51 бодови, само еден помалку од Баерн Минхен, а два од лидерот Борусија Дормтунд. Токму Баерн и Борусија попладнево ќе играат во дербито на колото.
Штутгарт во првото полувреме успеа да одолее на нападите на домаќините, но Унион Берлин во второто полувреме за кратко време ги реши сите дилеми. Во периодот од 51 до 68 минута, домаќините се израдуваа на три гола, за сигурни три нови бода.
Фрајбург кој имаше шанса да се доближи до водечките екипи, на домашен терен освои само еден бод против Херта, играјќи 1:1. Од трката за титулата може да се прости и Лајпциг, откако на домашен терен беше шокиран од Мајнц и загуби со 0:3.
Во останатите мечеви кои се играа попладнево, Шалке во Гелзенкирхен со 0:3 загуби од Баер Леверкузен, а нерешено одиграа Волфсбург и Аугсбург (2:2), благодарение на голот на домаќините во последните моменти од средбата.