Унион Берлин испишува историја, за првпат на клупата на еден бундеслигаш ќе седи жена

Управата на Унион Берлин испиша историја во Бундеслигата откако по разделбата со тренерот Урс Фишер, во новиот стручен штаб именува и жена.

Досегашниот тренер на екипата на Унион Берлин до 19 години, Марк Гроте, е назначен за привремен тренер на првиот тим, а тој се одлучи помошник да му биде 32-годишната Мари-Луис Ета.

Иако за сите германски медиуми овој потег претставува пријатно изненадување, за Унион Берлин ова е сосема логичен потег бидејќи Гроте и Ета заедно ја водат екипата до 19 години.

Мари-Луис Ета претходно има работено и како помошник-тренер во младите германски репрезентации.

Таа е поранешна фудбалерка на Хамбургер, Клопенбург и Вердер, а со репрезентацијата на Германија до 20 години стана светска шампионка во 2010 година.

Тандемот Гроте и Ета дебито на клупата на Унион Берлин ќе го имаат на 25 ноември, во дуелот против Аугсбург.

- Оглас -

Најнови вести