УО на ФФМ закажа Изборно Собрание на 22. декември, Масар Омерагиќ е новиот претседател?

По оставката на претседателот Муамед Сејдини, Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија организираше итна седница и закажа Вонредно изборно собрание за избор на претседател на 22 декември.

На Вонредното изборно Собрание на ФФМ на 22.12.2024 ќе се констатира оставката на актуелниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини и ќе се избере претседател на Фудбалската федерација на Македонија. Според сите најави, тоа треба да биде Масар Омерагиќ, поранешен истакнат фудбалер и фудбалски работник, кој своевремено беше и член на УО на ФФМ.

„После седум извонредни години исполнети со историски достигнувања, решив да се повлечам од позицијата претседател на Фудбалската федерација на Македонија. Одлуката е резултат на моето размислување дека дојде момент за промена, после период што ќе остане запаметен како најуспешен во историјата на нашиот фудбал.

Заедно со вас, испишавме златни страници за македонскиот фудбал: историското учество на Европското првенство ЕУРО 2020, второ место во квалификациската група за Светско првенство и незаборавната победа над Италија во Палермо, успесите во Лигата на нации со пласман во Лига Б и реализацијата на бројни инфраструктурни проекти во соработка со УЕФА и ФИФА.

Ја напуштам оваа позиција со гордост и огромна благодарност до сите кои придонесоа за овие успеси: фудбалерите, селекторите, клубовите, инвеститорите, администрацијата, членовите на Управниот одбор и секој љубител на фудбалот.

Јас ќе продолжам да ја извршувам својата улога до 22. декември, кога на Вонредно Собрание ќе биде избран мојот наследник.

Со целосна верба во иднината на Федерацијата и македонскиот фудбал, од срце ви благодарам за поддршката и соработката во изминатите години”, се вели во изјавата на Муамед Сејдини објавена на веб-сајтот на ФФМ.

- Оглас -

Најнови вести