На натпревар од третата хрватска лига, тимот на Јарун им одржа лекција на сите во светот како треба да се „краде“ време во финишот на мечевите кога водите и чекате судијата да отсвири крај. Јарун гостуваше кај Трње и водеше со 2-1 кога почна шоуто кое ги налути домашните фанови.
Фудбалерот Аријан Ачкар лежеше на тревникот, а лекарот тргна кон него да му укаже помош. Но, проблемот е што докторот беше многу стар и многу бавно „трчаше“ кон повредениот. За да мине од едната до другата страна на теренот, на докторот му требаше долго време, па Ачкар сам стана и без лекарска помош. Докторот потроши доста време, а кога стигна до местото на фаулот, немаше никој, туку само го допре капитенот Игор Југовиќ, кој се подготвуваше да изведе слободен удар и продолжи со бавни чекори да оди кон аут-линијата.
Навистина нема подобра спортска забава преку викенди од гледање нисколигашки фудбалски мечеви. Секогаш има нешто интересно, така беше и на оваа средба во Хрватска, со господинот доктор кој се вика Божидар Фучкар како главна личност.