Уругвајското сценарио од пред 87 години е најлошата варијанта за европскиот фудбал

Уругвајското сценарио од 1933 година е најлошата можна варијанта за европскиот фудбал, кој е покосен од Коронавирусот и грото првенства на Стариот Континент се прекинати.
Случајот со Уругвај од пред цели 87 години е интересен, иако тогаш воопшто не се работеше за вакво сценарио и епидемија, туку во фокусот беа недоразбирањата меѓу двата гиганти Насионал и Пењарол.

По 27 кола, двете екипи со вкупно 97 шампионски титули на Уругвај (Пењарол 50, Насионал 47) завршија со еднсков број бодови, по 46, па се играше плејоф-меч за круната.

Се играше на „Парк Сентрал“ во Монтевидео, стадион со богата историја, но во тогашни услови со скромен простор, па се случи еден од најголемите преседани во историјата на фудбалот.

Националниот фудбалски херој Кастро, кој три години претходно беше еден од стрелците за Уругвај во финалето на првото Светско првенство против Аргентина, постигна победнички гол за Насионал, но тој беше нерегуларен.

Топката беше излезена надвор од теренот, па се врати одбивајќи се од медицинска кутија, а Кастро умешно ја смести во мрежата на Пењарол.

Играта продолжи, но по големите протести на играчите на Пењарол, главниот судија почна да се сомнева во својата одлука и во 70-тата минута одлучи да го прекине мечот. Причината беше интересна, слабото осветлување беше само изговор за да не дојде до ескалација. За да се спречи неправдата, дуелот не се доигра.

По два месеци преговори и договори, Уругвајската федерација одлучи да го поништи голот, но и да се доиграат само преостанатите 20 минути од првиот меч.

Без публика двете екипи не успеаја да постигнат гол, а тоа не го сторија ниту во продолженијата од 30 минути, па по пет недели повторно Пењарол и Насионал мораа да играат меѓу себе.

И уште еднаш немаше голови во рововска битка од 120 минути, 90 од регуларниот дел и двапати по 15 во продолженијата.

Четвртата среќа им се насмевна на играчите на Насионал, во ноември следната година, во 1934, кога победија со 3:2 и ја освоија шампионската круна по една година откако заврши регуларниот дел од првенството.

Титулата беше решена само на една седмица од предвидениот рок за да заврши следната сезона, што доведе до комплетен хаос во уругвајскиот фудбал во тоа време.

Засега грото од европските првенства се одложени за кус период, најчесто до почетокот на април. Но, постои опасност од ширење на Коронавирусот во позначајни размери, па може да се случи уругвајското сенарио, шампионатите на Стариот Континент да завршуваат во летниот период, непосредно пред почетокот на новата сезона 2020/21.

 

 

- Оглас -

Најнови вести