Фудбалскиот тим на Работнички го доби и шестото засилување во овој зимски преоден рок. Бразилскиот интернационалец Асуерио Барбоса де Соуса Јуниор е најновата аквизиција во клубот од скопско Дебар Маало за пролетниот дел од првенството. Тој има 25 години, ќе ја засили офанзивната линија во тимот и потпиша договор до јули 2020 година.
Барбоса веќе им се приклучи на тренинзите на тимот. Тој има настапувано во повеќе бразилски клубови, како Гремио Анаполис, Гојас, Линенсе, Апаресиденсе, а собираше искуство и во Бахреин, во клубот Ал Рифа.
Во овој преоден рок, Работнички се засили и со: Баже Илијоски, Дејан Блажевски, Николај Дулгеров, Емил Вијачки и Жунињо Кабрал.