Фудбалското првенство на Фарските Острови најави дека ќе стартува на 9 мај. Шампионатот на оваа земја требаше да започне на 8 март, но поради пандемијата со корона-вирусот, стартот беше одложен на неодредено време. Сега се знае дека на 9 мај ќе започне првото коло во земјата која всушност е автономен регион на Кралството Данска.
„Имавме среќа што ситуацијата со корона-вирусот толку брзо ја ставивме под контрола. Сепак, ќе мора да бидеме внимателни и сигурно дека ќе бидат преземени дополнителни мерки за превенција“, коментира фудбалерот на Клаксвик, Оле Ерик Мидтскоген.
Освен на Фарските Острови, на 9 мај се очекува да стартуваат првенствата и во Австрија, Германија и уште некои други помалку атрактивни шампионати. Некои од клубовите во Австрија денеска стартуваат со првите тренинзи, а интересно е што германскиот шампион Баерн Минхен уште од минатата недела започна со тренинзи.