Ла Лига има сè повеќе проблеми со сложената политичка ситуација во Шпанија, а по мечот меѓу Барселона и Реал Мадрид, кој е одложен, сега и властите во Севилја бараат пролонгирање на големото дерби меѓу Бетис и Севилја.
Мечот треба да се игра на стадионот „Бенито Вилјамарин“, што е дом на Бетис, на 10 ноември, за кога се закажани изборите во Шпанија.
Градските власти повикаа двата клуба да се согласат околу одложувањето на дербито поради сложената политичка ситуација во Шпанија, но раководството на Ла Лига не сака ниту да чуе.
Оттаму одговорија дека нема слободен термин за дополнително одигрување на андалузиското дерби и дека мора да се игра во закажаниот термин.
Претходно, поради протестите во Каталонија, беше одложено Ел Класико, односно мечот меѓу Барселона и Реал Мадрид. Тој меч е презакажан за 18 декември.