Алекс Вилсон е најбрзиот човек во Европа, откако вчера истрча европски рекорд од 9 секунди и 84 стотинки на 100 метри на трка во Атланта.
Спринтерот што е роден во Јамајка, а трча за Швајцарија го надмина претходниот рекорд на Франсис Обиквелу од Португалија и на францускиот ас Џими Вико, кои на посебни трки имаат истрчано со време 9.86.
Сепак резултатот на Вилсон се уште не е официјално регистриран како нов европски рекорд, а многумина се сомневаат во регуларноста на трката во Атланта.
„Сто посто сум сигурен дека трката е нерегуларна“, вели Рана Рејдер, кој е поранешен тренер на Вико и на неколку исклучително добри спринтери.
Најмногу се оспорува стартот на трката, а голем дел од експертите тврдат дека Вилсон тргнал пред официјалмо да се означи стартот на трката, односно дека има неисправен старт што му помогна да го урне европскиот рекорд.
Швајцарецот до вчерашната сензационална трка и европски рекорд што допрва треба да биде признаен имаше најдобро лично време од 10.08 секунди на 100 метри.