Специјално од Сиде, Турција
Трајан Маневски
Главата тема во Вардар во изминативе неколку недели е дали Роџерс Мато ќе остане во клубот или ќе си замине, дали најтрофејниот македонски клуб ќе извиси и беспари ќе го загуби најдобриот фудбалер или ќе успее добро да заработи од неговиот трансфер? Јануарскиот преоден рок уште е во тек и отворени се сите опции за иднината на Мато.
Пред десетина дена, шкотскиот Хартс се пофали дека има потпишано со Мато и тој договор треба да стапи на сила по завршување на оваа сезона. Првиот човек на Вардар, Миленко Неделковски потврдува дека преговорите со Хартс течат, но остро демантираше дека Вардар ќе остане беспари доколку Мато си замине.
„Не се точни информациите дека Вардар ќе остане безпари. Комуникацијата меѓу Вардар и Хартс е на највисоко ниво. Течат преговорите и двата клуба се надеваат дека тие ќе завршат позитивно на задоволство на сите страни“, брифираше Неделковски од Сиде, Турција каде вардарци веќе десетина дена се на подготовки.

