Македонскиот тенисер Калин Ивановски се пласираше во финалето на ИТФ фјучрс турнирот во Опатија, Хрватска, кој се игра за награден фонд од 15.000 долари.
Калин поради моментно слабиот ранкинг (1.325-ти на АТП листата) предизвикан од долгата пауза, мораше да игра и квалификации, а покажа дека кога е здрав, местото му е далеку погоре. Тој денеска во полуфиналето кое траеше 2 часа и 37 минути, беше подобар од Чехот Михаел Врбенски со 6-4, 3-6, 6-3. Врбенски е 406-ти на на АТП листата и беше втор носител во Опатија.
Во финалето, Калин ќе се сретне со првиот носител и негов врсник, 20-годишниот Хрват Лука Микрут (360-ти на АТП листата).