Ракометарите на Вардар беа подобри од хрватски Нексе со 31:25 и со победа во дербито на регионалната СЕХА, на моменти покажаа дека се во задоволителна форма пред дуелот од Лигата на шампионите со Барселона в недела. За Вардарци заврши црната мини-серија од два порази по ред во СЕХА-конкуренцијата.
Вардарци не потрошија премногу сила, во првото полувреме најавија дека се решени да го победат Нексе и да се изедначат со него по бројот на бодови, па сега Загреб е осамен на врвот со предност од три бода. Во вториот дел немаше поголеми серии на едната или другата страна, Вардар водеше постојано, Нексе бркаше, беше блиску, но не успеа да ја стопи целосно својата негатива.
Во редовите на „црвено-црните“, руските крила Дибиров и Шишкарев дадоа по 4 гола, Криштопанс и Дисингер дадоа по три, Скубе имаше четири асистенции, а Гедбан имаше пет одбрани.
Утре Металург ја пречекува Стеауа.