Коронавирусот го парализираше фудбалот во Европа, ги прекина речиси сите национални првенства и европските купови, а уште е неизвесно кога ќе се игра финалето во Лигата на шампионите. Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, вели дека нема да се чека до септември или октомври за финалето на „Ататурк“ во Истанбул.
„Фудбалот воопшто не е ист без публика. Но, дефинитивно е подобро да се игра без гледачи на трибините и да се гледаат средбите на телевизија, отколку апсолутно да нема фудбал, како што е сега. Сезоната ќе заврши веројатно во јули или август. Не може да одложуваме за септември или октомври“, вели Чеферин.
Планот на УЕФА е домашните првенства да се играат забрзано и да завршат до крајот на јуни, по што би следувала завршницата во ЛШ и Лигата на Европа. Во моментов многу земји ги затворија своите граници и нема шанса да се игра со публика. Финалето во ЛШ требаше да се игра на 30 мај, но беше одложено на неодредено време.