Англискиот гигант Ливерпул цели 30 години чекаше да го доведе шампионскиот трофеј од англиското првенство во своите витрини. Тоа што не им успеваше на многу генерации во изминативе три децении, конечно ќе се случи утре. Трофејот ќе пристигне на „Енфилд роуд“, а играчите на Ливерпул ќе се радуваат по дербито со Челзи без разлика на резултатот на крајот.
Германскиот стратег Јирген Клоп е херојот на Ливерпул. Тоа е човекот кој во изминативе четири и пол години го создаваше тимот за да стигне до тоа трофејот да биде подигнат на „Енфилд роуд“.
„Тоа ќе биде еден од најважните денови во мојот живот затоа што конечно ќе можам да го подигнам трофејот. Многу сум горд на моите фудбалери. Ова ќе биде специјален подарок за сите нас. Заслужено сме најдобри. Денот ќе биде многу важен, но верувам дека ќе имаме уште толку важни денови во Ливерпул“, вели Клоп.
Во Англија постоеа шпекулации дека на утрешната средба против Челзи дека Клоп може дури и да влезе во игра во последните неколку минути, но челниците на Премиер лигата не дозволија таков потег. Интересно е што во 1990 година, кога Ливерпул последен пат беше првак, на мечот по кој беше доделена титулата, менаџерот Кени Далглиш доби шанса и да поигра. Тогаш Далглиш заигра на мечот против Дерби каунти, па легендата се впиша и како играч-шампион.
Додека Ливерпул утре го чека славењето, за Челзи тоа ќе биде многу значаен меч во борбата за пласман во Лигата на шампионите. Лондонскиот тим е во трка со Манчестер јунајтед и Лестер за позиција која носи во елитната лига на УЕФА.