Утрешното Ел Класико ќе биде посебно за Меси, а можеби и последно

Барселона е во одлична форма во пресрет на второто овосезонско Ел Класико кое утре во вечерниот термин од 21 часот ќе се игра на помошниот стадион „Алфредо Ди Стефано“ во Мадрид.

За Лионел Меси, ова големо дерби ќе биде од посебно значење, а можеби и последно доколку остане на одлуката по крајот на сезоната да си замине од Барселона. Имено, Меси ќе игра на 90-тиот различен стадион во кариерата, а на претходните 89 постигнал вкупно 69 погодоци.

Како рекордер по бројот на голови во Ел Класико (26), Меси ќе се обиде да го прекине две и пол годишниот пост без погодок во дуелите против лутиот ривал од Мадрид. Инаку, капитенот на Каталонците ќе игра во 45-тото Ел Класико, во кое ќе се израмни со Серхио Рамос по бројот на настапи, кој пак ќе го пропушти мегадербито поради повреда.

Влогот е огромен, двата гиганти го бркаат лидерот Атлетико во битката за шампионската титула. Барселона е во серија од 19 меча без пораз во Ла Лига, додека Кралевите славеа во седум од последните девет лигашки дуели. Каталонците моментално се втори на табелата со 65 бода, еден помалку од Атлетико, односно два бода повеќе од Реал, на девет кола до крајот на шампионатот.

- Оглас -

Најнови вести