Минхен 1860 слави огромен јубилеј, на 17 мај се дуваа 160 свеќи на роденденската торта, а германскиот третолигаш во импресивен стил го одбележува свечениот момент и е без пораз во 2020 година.
Серијата на популарните Лавови е цели 16 меча без да доживеат неуспех во третолигашката конкуренција, а дел од мечевите се и од ланската година.
Сè почна со победата против Викторија Келн на втори ноември лани, а вкупно во серијата 16 меча без пораз забележаа по 8 победи и нерешени.
Вчера не потклекнаа ниту против четирикратниот германски првак Кајзерслаутерн и ремизираа 1:1, со што го продолжуваат моментот и славеничката година во која се радуваат на 160-тиот роденден.
Најважно од сè за избраниците на Михаел Колнер е што со блескавата низа одлични резултати дотуркаа до шестото место на табелата и имаат само два бода помалку од лидерот Дуисбург.
Првопласираните две екипи ќе се преселат во повисок ранг на натпревари, во популарната Цвајта, а третиот ќе игра бараж за уште едно место во Втората германска лига.