Репрезентацијата на Јужна Африка за прв пат по 24 години успеа да се пласира во полуфинале на Африканскиот куп на нации, откако по голема драма и подобро изведување на пенали ги елиминираше Зеленортски острови. По 120 минути игра немаше голови, а Зеленортски острови упатија дури 25 удари кон противничкиот гол, но безуспешно.
Дури и кога дојдоа изведувањата на пенали, фудбалерите на Зеленортски остови делуваа немоќно пред расположениот голман на Јужна Африка Ронвен Вилијамс. Голманот кој брани за екипата на Мамелоди во првенството на Јужна Африка беше неверојатен и успеа да одбрани четири од петте пенали на противниците.
Во историјата на континеталните натпреварувања (Европско првенство, Копа Америка, Куп на Африкански нации, Азиски куп…) никогаш досега немало голман кој успеал да одбрани четири од пет удари во пенал-рулетот.
Во полуфиналето, Јужна Африка ќе игра против Нигерија, а во вториот меч во борба за место во финалето ќе играат Брегот на Слоновата коска и ДР Конго.