Вакви договори веќе се како светско чудо: Потпиша на една деценија со клубот

Дефанзивецот на Осасуна, Жон Монкајола, уште во тинејџерските денови го носеше дресот на Осасуна, а во 2019 година доби шанса да заигра за првиот тим. Изминатава сезона тој се промовираше како еден од најдобрите и незаменливи во екипата и одигра дури 41 меч во сите натпреварувања.

Младиот Монкајола беше дел и од шпанската репрезентација на младинското европско првенство, каде што одигра три меча. Шпанците беа поразени во полуфиналето од Португалија и не успеаја да стигнат до посакуваното злато.

По враќањето од ЕП, Монкојола реши да ја покаже верноста кон Осасуна и потпиша нов договор. Тоа што е чудно во овој договор е дека е потпишан на неверојатни 10 години. Во светскиот фудбал ваквите случаи се многу ретки, но Монкојола без двоумење се согласи да го стави потписот на еднодеценискиот договор, односно до 2031 година.

Според договорот, откупната клаузула во првите две години ќе му биде 22 милиони евра, а во следните осум сезони таа ќе изнесува по 20 милиони евра. Доколку Осасуна испадне од Примера дивисион, дефанзивецот може да си замине само за осум милиони евра.

Во шпанскиот фудбал претходно рекордот за најдолг договор го имаше Саул Нигез, кога во 2017 година, потпиша деветгодишна соработка со Атлетико Мадрид.

 

- Оглас -

Најнови вести