Сенегал е новиот фудбалски шампион на Африка, откако во финалето на Африканскиот куп на нации, дури по продолжение од 30 минути го победи домаќинот Мароко со 1:0.
Неверојатна беше завршницата на финалето. Беше 0:0 кога во 90+5 минута, судијата по ВАР проверка досуди пенал за Мароко, одлука која беше доста дискутабилна.

Сенегалците едноставно не сакаа да прифатат дека има пенал во последните моменти од средбата и жестоко реагираа. Селекторот побара од неговите играчи да го напуштат теренот. Сите играчи заминаа, но остана капитенот Садио Мане.
Повеќе од 15 минути траеше натегањето дали мечот ќе продолжи или не, но на крајот преовлада разумот на Мане и ѕвездата успеа да ги натера своите соиграчи да се вратат.
Брахим Дијас кој постигнуваше гол на секој претходен меч на турнирот, ја презема одговорноста. Дијас реши да шутира со Паненка, но голманот на Сенегал одбрани и се озбори мечот да оди во продолженија.
Само четири минути откако започнаа продолженијата, сенегал постигна гол. Мане започна една акција, топката дојде до Папа Геј кој постигна фантастичен погодок, кој може да го погледнете ТУКА.
На крајот, голот на Геј се покажа како шампионски и Сенегал се искачи на континенталниот трон на Африка.

