Раководството на Валенсија размислува за можноста да го отпушти 49-годишниот тренер Рубен Бараха, пренесува шпанскиот весник „Марка“. Оваа вест доаѓа откако Лилјаците во натпревар од 17. коло Ла Лига загубија минимално со 1-0 на гости кај Ваљадолид, со што паднаа на последното место на табелата со само 10 бода по 15 одиграни натпревари.
Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски синоќа за првпат беше стартер за Валенсија во Ла Лига, но прими еден гол, а тимот забележа пораз.
Раководството на клубот се двоуми меѓу опцијата за итно отпуштање на тренерот и продолжување на кредитот на доверба за уште два натпревари во Ла Лига, каде што Валенсија ќе се соочи со два директни ривали во борбата за опстанок, Еспањол и Алавес.
Конечната одлука зависи од сопственикот на клубот Питер Лим, кој, ако се одлучи за смена на тренерот, ќе треба да плати 5 милиони евра како дел од клаузулата за компензација на Бараха. Тој е на чело на тимот од февруари 2023 година.
И покрај непријатната ситуација, Бараха демонстрираше висок дух и изјави дека ова е само привремена ситуација од која тимот може да излезе.
„Се извинуваме за резултатот и страдањето во текот на сезоната. Но, нема да се предадеме и ќе продолжиме да се бориме“, изјави тој на прес-конференцијата по натпреварот.