Валенсија си има голема мака – Гарај ја заврши сезоната

Езекиел Гарај успешно ја мина операцијата на коленото, но за него сезоната е завршена, па Валенсија има голем проблем, пред сè на стоперската позиција.

Аргентинецот се повреди на мечот со Селта во саботата, а вчера беше опериран и паузата нема да биде помала од шест месеци.

„Ќе се вратам уште посилен. Им благодарам на сите за грижата и за поддршката“, изјави Гарај. Тој беше во преговори со раководството на Валенсија за продолжување на договорот и на тој план веројатно ќе нема измени, иако Гарај има 33 години.

Замена за него ќе биде францускиот интеренционалец Муктај Дијакаби, кој исто така беше повреден и паузираше извесен период во финишот на минатата година.

Валенсија има напорна сезона бидејќи игра на три фронта, а денеска Лилјаците ќе ѝ гостуваат на Гранада во четврт-финалето на шпанскиот куп.

Моментно петопласираната екипа во Ла Лига месецов има многу тежок и згуснат распоред на натпревари, а ќе треба да игра и со Хетафе, Атлетико Мадрид, Реал Сосиедад и Бетис во Ла Лига и против Аталанта во Бергамо на 19 февруари во првиот осминафинален меч во Лигата на шампионите.

 

- Оглас -

Најнови вести