Реал Мадрид жали што не ги освои трите бода на гостувањето кај Валенсија иако Кралскиот клуб губеше со 2:0. Реал на „Местаља“ постигна два гола, а последните моменти од средбата гостите постигнаа и трет погодок, но судијата Манцано покажа дека неколку моменти претходно покажал дека средбата е завршена.
Фудбалерите на Реал жестоко реагираа, но арбитерот беше одлучен дека отсвирил крај на средбата непосредно пред Џуд Белингам да постигне гол.
Ова не е прва ваква ситуација во шпанското првенство. Тоа се случи и минатата сезона, и тоа во финишот на мечот одигран во мај. Ваљадолид дома играше против Севилја, меч кој беше многу важен за домашниот тим.
Ваљадолид се бореше за опстанок и беше под притисок дека мора да освои бодови на тој меч. Беше 0:0, а се играше петтата минута од судиското продолжение на првото полувреме, кога беше досуден корнер за домаќините. По изведениот корнер, гостите ја исфрлија топката од шеснаесетникот, а од заднина натрча еден домашен играч и со шут од над 20 метри успеа да постигне гол.
Сепак, радоста на фудбалерите на Ваљадолид ја прекина главниот судија, кој отсвири крај, и тоа само еден момент пред да биде шутот за гол. Бурно реагираа домашните играчи, но арбитерот остана доследен дека требало само да се изведе корнерот и дека штом топката е исфрлена од шеснаесетникот, треба да има крај на полувремето.
Наместо Ваљадолид да води со 1:0 на полувреме, остана 0:0, а домашните играчи во вториот дел излегоа демотивирани и разочарани, па на крајот загубија убедливо со 0:3. Овој пораз и фактот дека Ваљадолид не освои бодови, беше еден клучен детаљ за клубот на крајот од сезоната да испадне од Примера дивисион. Ваљадолид на крајот имаше 40 бода, а Алмерија, која се спаси, заврши само со еден бод повеќе.