Барселона вечерва (21ч) може да дојде само на еден бод заостаток зад лидерот Атлетико Мадрид доколку на домашен терен го совлада Валјадолид. Каталонците се во одлична серија од 18 лигашки натпревари без пораз, односно остварија 16 победи и две ремија, од кои пет победи се последователни.
За вечерва „кецот“ е речиси загарантиран во корист на Меси и дружината, ако се знае дека Барса славеше во осум од последните 10 меча против Валјадолид кои се одиграа на „Камп ноу“. Во шест од нив, Каталонците броеле до четири или повеќе погодоци, што значи дека има шанси и евентуалниот триумф вечерва да биде прилично убедлив.
Гостите треба да се плашат и од Меси. Аргентинецот во 12 настапи против Валјадолид се радувал на 10 победи, а реализирал осум и асистирал на седум погодоци во дуелите против оваа екипа.
Првиот дуел сезоната Барселона го доби со убедливи 3-0 на гости, на прагот е да оствари двојна победа против екипата која се бори за опстанок во шпанската елита.