Валтер очекува многу подобар Пелистер во Нашице: Што научивме од грешките со Војводина ќе покажеме против Нексе

Данскиот тренер на Пелистер, Ларс Валтер, е цел на критичарите заедно со играчите на македонскиот гигант по поразот од Војводина во СЕХА-лигата, но многу време за анализи, осврти и одговори нема бидејќи утре се игра нов меч, против Нексе во Нашице.

Интересно е што и двете екипи ги загубија старните дуели во А групата од Војводина, па сега бараат шанса за рехабилитација.

„Нексе е одличен тим, но видовме дека ја направи истата грешка како и ние против Војводина.

Среде подготовки сме, оставивме неколку ракометари дома за да ги поштедиме и затоа не изгледавме добро во Нови Сад.

Но, сега имаме два дена за подготовка и ќе бидеме подобри. Проблем ни е што немаме многу ракометари тука во Нашице, дојдовме само со четири бека за да покријат шеесет минути, што не е многу.

Најголемиот проблем за поразот против Војводина беа техничките грешки кои ги направивме. Ги имавме дури деветнаесет, што не е нормално. Тоа ни се случи бидејќи сме во подготвителен период. Физичките тестови минатата недела беа добри, па сега работиме само на ракомет и треба да се подобриме. Имаме добри шанси да играме израмнет натпревар против Нексе и ќе бидеме подготвени за рамноправна битка“, рече Валтер.

Оптимист дека Пелистер може многу повеќе од тоа што го прикажа во Нови Сад е и Марио Танкоски, еден од столбовите во играта на битолчани.

„Нексе оваа година игра добар ракомет, први се во групата во Европската лига.

Се работи за одлична екипа, но и тие во Нови Сад убедливо загубија и лошо играа исто како и ние. Овој натпревар и за нас и за нив ќе биде можност за поправање на впечатокот. По репрезентативни настапи, нормално е да има вакви осцилации.

Ќе бидеме подобри во следниот период, ни претстои тежок февруари и два натпревари секоја недела. Мора да се подигнеме за да бележиме подобри резултати“, вели Танкоски.

Натпреварот се игра утре од 18 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести