Арсенал треба да се смета за еден од фаворитите за освојување на Лигата на шампионите во фудбал оваа сезона, изјави тренерот на Атлетик Билбао, Ернесто Валверде, пред утрешниот воведен меч од елитното европско клупско натпреварување.
Топчиите ќе се соочат со Атлетик на стадионот „Сан Мамеш“ во првиот натпревар на годинешното издание на турнирот. Минатата година тимот на Микел Артета беше елиминиран во полуфиналето од освојувачот на трофејот, Пари Сен Жермен, но Валверде смета дека тоа е зад нив и дека сега се целосно фокусирани на новата сезона.
„Тие се едни од фаворитите за освојување на Лигата на шампионите благодарение на своите технички и тактички квалитети и победничкиот дух што Артета им го всади. Верувам дека ќе бидат целосно концентрирани“, изјави Валверде.
„Ова е почеток на Лигата на шампионите и играме против ривал од високо ниво, какви што Атлетик сака за ривали, но мораме да бидеме многу внимателни и да ги искористиме шансите. Арсенал нема да простува грешки“, потенцираше тренерот на шпанскиот тим.
За Атлетик Билбао овој меч има посебно значење бидејќи клубот се враќа меѓу најдобрите екипи на континентот по пауза од 10 години, откако минатата сезона заврши на четвртото место во Ла Лига.
Напаѓачот Ињаки Вилијамс, чиј брат Нико Вилијамс ќе отсуствува на утрешниот меч поради повреда, изјави:
„Години наназад се боревме да бидеме таму каде што сме денес. Утре ќе се бориме да ја задржиме жива оваа приказна што е можно подолго. Играме против одличен тим, кој не покажува милост. Мораме максимално да ги искористиме шансите што ќе ни се укажат.“