Валверде: Барселона не потфрлува во важни натпревари

Барселона положи тежок испит со минималниот триумф на „Олд Трафорд“ од 0-1 против Манчестер јунајтед. Во пресрет на реваншот кој за помалку од една недела ќе се одигра на „Камп ноу“ има значајна предност. Иако автоголот на Шоу беше една од ретките шанси на Каталонците, не може да се каже дека не заслужија да победат бидејќи „црвените ѓаволи“ беа очајни во нападот, не упатија ниту еден удар во рамките од голот на Тер Штеген.

Тренерот Ернесто Валверде е задоволен од начинот на којшто неговата екипа стигна до посакуваната цел, но вели дека овој двомеч е далеку од одлучен, потенцирајќи дека може Јунајтед да не се предаде пред време, како што беше случајот со ПСЖ.

„Знаеме колку е тешко да се победи на „Олд Трафорд“, атмосферата беше одлична, а Јунајтед достоен противник. Сепак, уште еднаш покажавме дека играме на високо ниво во важни натпревари, нормално е да се случуваат подеми и падови во играта, но моите играчи одговорија на секој предизвик. Овој резултат не значи ништо, факт е дека остануваат најмалку уште 90 минути, а сите знаеме дека Манчестер е опасен гостин, го покажаа тоа и во Париз“, истакна Валверде.

Со триумфот во Манчестер, Барселона го задржа статусот на единствен тим без пораз во ЛШ оваа сезона. Групната фаза ја заврши со четири победи и две ремија, а во осминафиналето против Лион запиша голем триумф од 5-1 на домашен терен, додека во Франција ремизираше без голови.

Сосема спротивна е ситуацијата во Јунајтед. „Црвените ѓаволи“ оваа сезона остварија само една победа на домашен терен, и тоа со минимални 1-0 против Јанг бојс во групната фаза.

- Оглас -

Најнови вести