Реал Мадрид беше во серија од три последовни ремија во првенството, што Барселона знаеше да го искористи и повторно да се врати на врвот на табелата.
Сепак, лошата низа конечно беше прекината синоќа, и тоа на тешкото гостување во Билбао, каде што Kралевите убедливо славеа против Атлетик и полесно од очекуваното стигнаа до триумф од 0-3.
Мечот на „Сан Мамеш“ започна идеално за Реал. Веќе во седмата минута Килијан Мбапе ја затресе мрежата по асистенција на Александер-Арнолд и донесе водство од 0-1.
Во финишот на првото полувреме Реал ја удвои предноста. Овојпат Мбапе беше асистент, а Камавинга со прецизен удар зголеми на 0-2.
Францускиот напаѓач ја заокружи својата блескава партија во 59-тата минута, кога по додавање на Карерас повторно го совлада домашниот голман и ги постави конечните 0-3.
По натпреварот пред камерите се појави Феде Валверде, кој говореше за Мбапе и за Винисиус, двајцата играчи што често беа критикувани од соиграчите и навивачите поради недоволен дефанзивен ангажман. Сепак, овојпат работите беа различни.
„Добро е кога ќе ги видиш Мбапе и Винисиус да се жртвуваат во дефанзивата. Токму тоа ни недостасуваше на повеќето натпревари, а гледате колку подобро функционираме кога и тие се вклучуваат во одбраната“, изјави Валверде.
Минатата сезона тоа беше најголем проблем. Мбапе ретко се враќаше во дефанзивата, а идентичен стил имаше и Винисиус. Но, очигледно е дека Чаби Алонсо конечно успеал да ги убеди дека мора да работат и во одбранбената фаза, што вроди со плод против Атлетик.
Со триумфот, Реал остана чекор зад Барселона. Каталонците по победата над Атлетико Мадрид се лидери со 37 поени, еден повеќе од Кралевите.
Во следното коло, Реал Мадрид на „Бернабеу“ ја пречекува Селта, додека Барселона оди на незгодно гостување кај Бетис во Севилја.

