Среда е ден за ново Ел Класико, трето оваа сезона, а ќе се игра во рамките од повратниот дуел во полуфиналето од Купот на Кралот. Барселона ќе гостува во Мадрид по ремито на „Камп ноу“, кое се заврши со конечни 1-1, а новото дерби ќе биде од големо значење за Ернесто Валверде.
Шпанскиот стратег на „Сантијаго Бернабеу“ ќе ја води Барселона по 100-ти пат, а неговите играчи ќе треба да го наградат со победа и пласман во финалето. Иако работата на „Камп ноу“ му започна со два порази од „кралевите“ во Суперкупот пред две години, Валверде не претрпел пораз од Реал како тренер на Барселона во рамките од шпанското првенство и Купот.
Откако првпат седна на клупата на Каталонците во 2017 година, Барса под водство на Валверде забележа 67 победи, 23 ремија и само девет порази. Овој учинок беше крунисан со двојна титула во Шпанија, како и освојувањето на шпанскиот Суперкуп на почетокот од оваа сезона.
Во 99 натпревари под палката на Валверде, Барселона во сите натпреварувања постигнала 238 погодоци, додека во својата мрежа дозволиле само 80 гола. Од вкупно 238 гола, 78 ги постигнал Лео Меси, 48 се на Луис Суарес, додека најголема доверба има во Иван Ракитиќ, Хрватот настапил дури на 92 меча кај Валверде, втори се Меси и Бускетс со по 86 меча.
Три дена по овој реванш, Барселона повторно ќе гостува во Мадрид, а дербито ќе се игра во рамки од 26-тото коло во Ла Лига.