Ернесто Валверде имаше можност две и пол сезони да му биде тренер на можеби најдобриот фудбалер на сите времиња, Лионел Меси. Како предводник на Барселона, Валверде собра четири трофеи од кои две се титули во Ла Лига, и по еден трофеј во шпанските Куп и Суперкуп.
За каталонскиот лист „Спорт“, Валверде доби интересно прашање во кое мораше да замисли разговор од иднината со своите внуци, на кои би се обидел да им објасни за каква фудбалска величина станува збор, кога во прашање е Меси.
„Во иднина ќе имаме уште многу фудбалери кои ќе ги освојуваат симпатиите на фудбалските фанови, па можеби за денешните ѕвезди малку ќе се заборави. Ќе се обидам да им објаснам на моите внуци дека постоеше фудбалер кој можеше без проблем да издрибла седум противнички играчи и да забие гол со леснотија, а тие ќе си помислат дека сум луд. Ќе биде слично како што е ситуацијата со Ди Стефано, во денешно време малку луѓе знаат и го виделе Алфредо како игра, но за среќа сега постојат статистики и рекорди со кои е невозможно да се заборави на Лео“, посочи Валверде.