Тренерот на Атлетик Билбао, Ернесто Валверде, беше многу разочаран по поразот од 0-3 од Манчестер јунајтед во првиот полуфинален натпревар од Лига Европа. Лавовите од Билбао влегоа со големи амбиции во мечот, особено затоа што финалето се игра токму на нивниот стадион „Сан Мамес“, но уште до полувремето примија три гола, а Дани Вивијан доби црвен картон.
„Притисокот си го направи своето и не успеавме да поведеме кога доминиравме. Ако загубиш со 0-3, значи противникот бил поискусен и пореален, а ние не ги искористивме нашите шанси. Тимови како Јунајтед не простуваат грешки. Тие се исклучително силни во последната третина од теренот. Мораме да извлечеме поука од овој пораз“, изјави Валверде.
„Додека игравме 11 на 11, се држевме добро. Но, црвениот картон и пеналот практично го решија мечот. Претходно имаше игра со рака од Гарначо која судијата не ја досуди. Црвениот картон за пеналот беше премногу строг“, додаде тој, алудирајќи на најспорниот момент од натпреварот.
Атлетик Билбао сега има речиси невозможна мисија, ќе патува на реваншот на „Олд Трафорд“ со три гола негатива, но тренерот не се предава.
„Јасно е дека резултатот е многу лош, но нема да се предадеме. Ќе се обидеме да направиме сè, дури и невозможното во реваншот“, решително порача Валверде.