Одличниот дефанзивец Вирџил ван Дајк ги поминува последните месеци како играч на Ливерпул бидејќи неговиот договор истекува на 30 јуни, а според сите најнови информации, изгледа дека е одлучен да ја смени средината.
Ван Дајк се смета за еден од најдобрите дефанзивци на светот и веќе со години прикажува извонредни игри во дресот на Ливерпул, но очигледно ова ќе биде неговата последна сезона на „Енфилд“.
Репрезентативецот на Холандија донел одлука да си замине по истекот на договорот и веќе го известил англискиот клуб. Многу се пишуваше дека ќе замине во ПСЖ, но изгледа дека нема да го следи тој пат.
Иако неговата одлука не е финална, извори блиски до Ван Дајк сугерираат дека тој веќе одлучил да ја прифати понудата на Баерн Минхен, што би бил голем удар за Ливерпул. Губитокот на капитенот ќе остави значајна празнина, како на теренот така и во соблекувалната.
По елиминацијата на Ливерпул, Ван Дајк беше виден во тунелот како разговара со челниците на ПСЖ, но по сѐ изгледа дека неговиот интерес е насочен кон спортскиот проект на Баерн Минхен.
Доколку одлуката биде конечна, германскиот гигант ќе добие огромно засилување во одбраната. Ливерпул, пак, нема многу време за да жали и треба што побрзо да најде соодветна замена за Ван Дајк, а една од можностите, како што откриваат германските медиуми, е Нико Шлотербек од Борусија Дортмунд.