Холандскиот тенисер Ботик ван де Зандшлуп ја оствари една од највредните победи во својата кариера, откако во второто коло на Мастерсот во Индијан Велс го совлада Новак Ѓоковиќ со 2-1 во сетови (6-2, 3-6, 6-1).
29-годишниот Холанѓанец беше пресреќен по триумфот и откри дека имал голема самодоверба пред мечот.
„Видов шанса да го победам, знаев дека не игра како некогаш. Не размислував кога последен пат освоил титула, но ми помогна тоа што загуби од Беретини во Доха. Знам и дека се повлече во Австралија. Но, и покрај тоа, тој сè уште е еден од најдобрите на АТП турнејата. Никогаш не е лесно да се игра против него. Меѓутоа, ако губи мечеви, тоа ми дава самодоверба“, изјави Ван де Зандшлуп.
Тој објасни што, според него, било клучно за победата против Ѓоковиќ.
„Мислам дека клучно беше тоа што условите за игра беа тешки. Отскокот на топчето беше многу висок, а тој се мачеше со тоа. Немаше добар тајминг, форхендот му беше превисок. На пример, по мојот втор сервис топката отскокнуваше многу високо. Условите беа сосема различни од Астана, каде што првпат игравме. Мислам и дека сонцето му пречеше. Кога ќе се собере сè, сметам дека јас подобро се прилагодив на условите за игра“, заклучи холандскиот тенисер.