23.8 C
Skopje
петок, 12 септември 2025

Ван дер Варт не е оптимист: Ќе биде успех ако Хамбургер не прими пет гола од Баерн Минхен

Некогашниот германски и европски првак, Хамбургер, по пауза од неколку години, сезонава се врати во Бундеслигата. По првите две кол, Хамбургер не покажа дека е подготовен да биде меѓу најдобрите и освои само еден бод, а уште нема постигнато ниту еден гол.

Во првото коло ремизира со Борусија Менхенгладбах на гости, а потоа дома загуби со 0:2 од Сент Паули. Сега следува најтешкото гостување на Хамбургер сезонава, кај Баерн Минхен на „Алијанц арената“. Актуелниот германски првак и сезонава е најголем фаворит за трофејот, а Баварците започнаа фуриозно со две победи и дури девет постигнати гола.

Некогашниот фудбалер на Хамбургер, Рафаел ван дер Варт, не е голем оптимист кога се работи за гостување кај Баерн Минхен.

„Хамбургер има многу тежок предизвик викендов. Според мене, сè што ќе биде под пет примени гола во мрежата на Хамбургер, ќе може да се смета како успех. Првиот меч на Хамбургер во елитното друштво сезонава беше добар, но потоа во второто коло одигра на второлигашко ниво и загуби дома од Сент Паули. Точно дека секој меч е различен, но ако играат како против Сент Паули, нема да имаат никакви шанси“, рече Ван дер Варт.

Хамбургер се врати во Бундеслигата за првпат по 2018 година, а по првите две кола таа екипа заедно со Борусија Менхенгладбах се единствени без ниту еден постигнат гол сезонава во елитното друштво. Од друга страна, Баерн во првото коло дома победи со 6:0 над Лајпциг, а потоа со 3:2 славеше на гости кај Аугсбург.

- Оглас -

Најнови вести