Горан Пандев доживеа прекрасно испраќање од репрезентативниот дрес на Македонија, и тоа сред Амстердам на арената „Јохан Кројф“. Со стоечки овации сите гледачи го испратија Пандев кога капитенот на Македонија во 69-тата минута го напушти теренот.
Некогашниот холандски репрезентативец Рафаел ван дер Варт вели дека Пандев има големо значење во македонскиот фудбал, слично како што е Јохан Кројф за холандскиот фудбал.
„Мислам дека испраќањето беше одлично. Тој е слично како Јохан Кројф од Македонија. Ми се насолзија очите кога видов како го испратија. Мислам дека беше прекрасно“, вели Ван дер Варт.
Пред почетокот на дуелот Македонија – Холандија, капитенот на Лалињата, Вајналдум, на Пандев му подари холандски дрес со бројот 122, колку што одигра мечеви Гранде Горан за Македонија.