Луис ван Хал ќе се врати во Ајакс, објави денеска холандскиот тим кој се наоѓа во голема резултатска криза.
„Ван Хал е познат како еден од најуспешните тренери на сите времиња со освоени повеќе од 20 национални и меѓународни трофеи. Со Ајакс триумфира во Лигата на шампионите во 1995 година“, соопшти Ајакс.
Ван Хал (72), кој минатата година објави дека боледува од рак на простата, поради што си поднесе оставка од селекторската функција во холандската репрезентација, ќе ја има улогата на советник за фудбалски прашања во Ајакс.
„Сакам да му помогнам на Ајакс. Моментно живеам во Португалија, но тоа добро се комбинира со улогата на надворешен советник во Ајакс. Ќе ми претставува задоволство моето фудбалско знаење да го ставам во служба на бордот на супервизорите“, изјави Ван Хал, со што потврди дека се враќа да му помогне на тимот.
Ајакс игра очајно сезоната и за првпат во својата 123-годишна клупска историја се наоѓа на 15-та позиција на табелата во Ередивизијата.